Како до убаво средена жива ограда



Повеќето луѓе што имаат двор имаат и жива ограда. Таа може да биде доста практична. Може да служи како заштита од несакани погледи или да биде добар филтер за звуци, прејака светлина а најчесто за прашина. Но, понекогаш знае и многу да разочара. Уште повеќе ако комшиите имаат убава ограда но вашата е ретка и болежлива. 
Два многу важни фактора за убава жива ограда се изборот на локацијата и изборот на садница(-и). Ако ставите светлољубив вид во сенка, никогаш нема да бидете задоволни од оградата. Многу веројатно постојано ќе има вошки, ќе биде бледа, ретка, слаба и раштркана („бушава“). Затоа, размислете добро каква локација имате и кои растенија би биле соодветни.
Друг многу битен фактор е да не ја засадите прегусто. Иако гарден-центрите, расадниците па и повеќето интернет-страни убедуваат поинаку, реалните бројки за растојание од садница до садница се доста поголеми од нивните. Ако садите ограда од аризонски или лејландов чемпрес или од ловор-вишна (Prunus laurocerassus) нема шанси да ги засадите на 80, 50 или дури и (според некои) 30цм една од друга и да немате проблеми. Тие се големи дрвја; не може да се набијат во мала „кутија“. Не без последици. Во последниве 6-7 години сè повеќе се гледаат последици од глобалното затоплување и ширењето на некои агресивни инсекти како молецот по шимширот (Cydalima perspectalis). Затоа, уште повеќе треба да се пази со густото садење.
Ако сте сигурни дека дека добро сте го избрале видот на садницата(-ите), дека сте ги засадиле доволно оддалечени една од друга и дека добро сте ѝ го погодиле местото на оградата, сте добиле пола војна. Што друго можете практично да направите за вашата жива ограда? Еве уште неколку совети:
·         Вода. Немојте да мислите дека кога ја прскате тревата и живата ограда е доволно навадена со таа вода. (Всушност, ни тревата не се полева со лесно прскање). Растенија кои се изложени на стрес поради недостиг на вода се поподложни на високи и ниски температури, болести и штетници. Многу посигурен, поекономичен и побрз начин на полевање е со систем капка по капка (под услов капалките да бидат на мало растојание, да се пушта вода доволно долго и, по можност, навечер).
·         Плевел. Самата трева и што и да е друго во близина на живата ограда е конкуренција за вода и храна. Затоа, најдобро е да ги нема.
·         Мулч. Бидејќи гола земја е анатема за секој современ градинар кој користи и ум, погрижете се после плевење да покриете и со соодветен мулч.  
·         Подмладување. Засега, луѓето не можат да се подмладуваат, но доста од растенијата можат. Стари, дебели стапови жива ограда (особено класичната Ligustrum vulgare) не даваат многу листови. Но, ако ги исечете нив, од коренот потеруваат повеќе млади, зелени прачки со многу листови. Можете да ја „реновирате“ целосно и оддеднаш, но можете да ги извадите старите прачки и во рок од 3 или повеќе години постепено ако не сакате да ви биде голо некое време.

Се надевам дека сега добивте некоја идеја (се разбира, има и други) како да ја разубавите вашата жива ограда или барем одговор на некое ваше прашање што ве мачело некое време.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]