Според богатството на шумите БиХ е прва на Балканот, седма во Европа


Според истражувањето на Светска банка околу 43 отсто од територијата на БиХ е под шума, која за жал нерационално и несовесно се користи.

 Според истражувањето на Светска банка околу 43 отсто од територијата на БиХ е под шума, која за жал нерационално и несовесно се користи.
Последните години шумите станаа стратешки ресурси од кои многу земји во светот заработуваат огромни средства. Меѓутоа, некои земји со неконтролираната сеча полека остануваат без ова вредно природно богатство. Меѓу нив е и Босна и Херцеговина која наспроти неконтролираната сеча која трае со години и понатаму стои на самиот европски врв според шумското богатство.
Кога се работи за регионот на југоисточна Европа, повеќето земји од овој дел на светот се наоѓаат меѓу државите кои често се нарекуваат зелен рај на земјата. А според резултатите од истражувањето кое го спроведе Светска банка за 2012 година во областа на шумските ресурси, Босна и Херцеговина е најбогата земја со шума од сите земји во регионот на југоисточна Европа.
Имено, околу 43 отсто од територијата на БиХ е покриена со шума, т.е. речиси половина од земјата е обоена во зелено.
Шефот на Секторот за лов и ловен туризам на Јавното претпријатие Срајевошуме мр. Зејнил Берило, за агенцијата Анадолија потврди дека БиХ е една од најбогатите европски земји според шумското богатство.
- Дури, според бројот на жители, БиХ во Европа е држава со најголема површина на шимски ресурси. Поточно околу 50 отсто земја во БиХ е покриена со шума - рече Берило.
За споредба, Босна и Херцеговина според шумско богатство е два пати побогата од Белгија, три пати од Данска и речиси четири пати од Велика Британија. БиХ според шумските ресурси е пред многу држави економски развиени, како што се Кина, Франција, Германија, Италија и Соединетите Американски Држави.
Меѓутоа, Берило истакнува дека шумите во БиХ се користат нерационално и несистемски, па во разни делови на земјата постои илегална сеча.
- Само во кантонот Сараево има над стотина нелегални места за сеча. Исто така, официјално минатата година во Кантон Сараево околу 10.000 кубни метри дрва бесправно се исечени. Но, мислам дека таа бројка е три пати поголема. Ако вака се продолжи со бесправна сеча, ќе се намалат резервите на шуми што ќе предизвика намалување на природните извори на вода, нагол пораст на инсекти, гливични заболувања, итн. - тврди Берило.
Според истражувањето на Светска банка, по БиХ следат Црна Гора во која 40,4 отсто од територијата е покриено со шума, Македонија со 39,6 отсто и Хрватска каде 34,3 отсто земја е под шуми.
Најмалку шуми во регионот имаат Србија и Албанија, каде шуми покриваат 31, т.е. 28,3 отсто од цела територија. Од земјите од поширокиот регион на Балканот, најбогата со шуми е Словенија во која се наоѓа околу 62 отсто шума.
Освен тоа, Словачка има околу 40 отсто шуми, Бугарија 36, Романија 28 и Турција со околу 15 отсто шуми. Гледано на европско ниво, земја со најмногу шуми е Финска во која 73 отсто од територијата е обоена во зелено, а веднаш зад неа следат Шведска со околу 69, Словенија со 62 и Летонија со 54 отсто шума.
Според истражувањето на Светска банка, меѓу најбогатите европски земји во областа на шумските ресурси спаѓа и Естонија со 52 отсто, Австрија со 47 отсто, додека БиХ со околу 43 отсто шуми се наоѓа на високо седмо место.
Од друга страна, со шуми најсиромашни европски земји се Монако и Сан Марино, каде само 0,1 отсто од територијата е покриено со шума, а следат Исланд со 0,3 отсто, Ирска 10 и Холандија со околу 11 отсто шума.
Гледано на глобално ниво, најмногу шуми поседува Суринам каде околу 95 отсто земја е под шума, а следат Микронезија со околу 91 отсто, Американска Самоа со 90 и Габон со 85 отсто од територијата покриена со шума.
Од друга страна, држави со најмалку шуми во светот, освен Сан Марино и Монако, се и Оман, Катар, Египет и Либија, во кои шумите се само околу 0,1 отсто од целата територија. Според истражувањето на Светска банка, висок процент на шуми има Јапонија каде околу 69 отсто од територијата е под шума, Русија околу 49, додека САД има 33 отсто шуми и Кина со 22 отсто од шумското подрачје.
Имајќи предвид дека БиХ е на европскиот врв по покриеност на територијата со шума, Берило потенцира дека треба да се преземат мерки за да се спречи неконтролираната и непланска сеча.
- Конечно дојде време да се заштити овој вреден природен ресурс. Треба да се постават постојани шумски рампи, како во развиените европски земји и камери и да се следи прометот. Потребно е да се санкционираат сите тие кои се замешани во илегална сеча на шумите. На тој начин би се намалиле штетите за 90 отсто - вели Берило.
Тој истакнува дека властите во БиХ мораат да посветат многу поголемо внимание и грижа за овој природен ресурс.
- Во БиХ имаме еден парадокс, а тоа е дека постојат многу министерства, а немаме министерство за шумарство на државно ниво иако 50 отсто од земјата е под шума. Во многу европски земји основани се министерства за шуми и вода, поради економски и еколошки причини, бидејќи тие на време го сфатиле значењето и потенцијалот на шумите - рече Берило.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]