Поради влијанието на климатските промени намалувањето на биолошката разновидност на планетева е за сто пати повисока од таа во прединдустриската ера. Исчезнувањето на едни видови, ќе придонесе и до исчезнување на други во годините што следат.
Намалувањето или исчезнувањето на одредени видови не е само резултат на климатските промени, чии последици допрва посериозно ќе ги видиме, туку и поради растот на населението: промени во покривката на земјата, употребата на земјиштето, експлоатација на одредени видови со исклучување на други, сечата на шумите..., стои во публикацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање, “Биолошката разновидност и климатските промени".
Повисоките температури, сушите, поплавите и другите екстремни временски настани: веќе ги загрозуваат живеалиштата и преживувањето на многу растенија и животни.
На глобално ниво се предвидува дека до 2050 година повеќе од една четвртина од сите видови на копно се изложени да исчезнат.
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ ВО МАКЕДОНИЈА?
Во Македонија во оваа публикација со најголем ризик од климатските промени се идентификувани 79 видови габи и мовови, 74 видови алги, 392 виши растенија и 113 рбетници.
Сектори кои најмногу негативно влијаат на биолошката разновидност се земјоделството, рибарството, енергетиката, транспортот и други сектори.
“Земјоделството негативно влијае врз биодиверзитетот уште од средината 20 век, поради исушување на блатата и големата експанзија на обработувана површина. Прекумереното рибарање исто така е сериозна закана за разни видови, како и за некои ендемични видови риби, особено во Охридското езеро", стои во публикацијата.
Во Македонија се регистрирани околу 22.000 растенија и животни, од кои над 1.000 се ендемични.
За потребите на анализата од која треба да се согледа што ќе се случи со одредени видови во земјата се анализирале неколку видови.
Цвијичева качунка е вид кој се јавува само на планината Галичица. Според резултатите од моделирањето со користење на моделот МахЕп1, преставени во публикацијата, овој вид на качунка до 2050 година ќе може да се најде само на простор од 5 километри. Но до 2100 година според истиот модел потенцијалната дистрибуција на видот може да се зголеми на 29 километри и на северните (пониски) страни на планината, стои во публикацијата.
Од друга страна пак на Фернинандовиот вошливец, ендемско растение на планината Мокра, до 2050 година му се заканува целосно исчезнување.
Се помалку ќе го има и инсектот Јакупички трехус, ендемски вид, кој го има на Солунска Глава, Марина Рупа, Солунско поле и Бегово поле.
За Планискиот бор распространет во алпските зони на планините Мокра и Шар Планина исто така се предвидува големо намалување до 2050 година и целосно исчезнување до 2100 година.
Дабот прнар пак кој расте во југоисточниот дел од земјата помегу Демир Капија, Гевгелија и Струмица ќе се “сели“ кон исток.
Извор: /emagazin.mk/
ConversionConversion EmoticonEmoticon