Другите шумски производи пропуштена можност за шумарството


Имаме среќа што живееме на поднебјекое природата го дарила со одлични природни услови, кои овозможуваат богатство на разни растителни видови. На просторот на нашата држава растат повеќе од 3.000 вида виши растенија (билки, цвеќиња, дрвја…), од кои 1.000 имаат лековити својства, а 500 се стопроцентно лековити. Сепак изгледа природата нешто дава, а нешто зема, па така не ни дала памет за да ги искористиме нејзините дарови кои секоја година пропаѓаат по нашите планини.
Постарите велат, дека порано пред да се формира ЈП “Македонски шуми“ шумските стопанства остварувале големи приходи од лековити билки и од шумските плодови. Тогашните шумски претпријатија имале откупни пунктови по планините, каде се собирале огромни количини на дарови од природата и ги пласирале не само низ обработувачките центри во тогашната држава ,туку и низ цела Европа. Се уште се прераскажува како од националниот парк “Пелистер“ остварувале големи приходи од продажба на моликови шишарки, но и за тоа како дестилатот од дестелеријата во Берово бил исклучително ценет и скап.
За жал, во денешно време во јавното од “дрвата“ не можат да ги согледаат големите можности на другите (или по ново недрвните) шумски производи, па целото внимание му е посветено токму на искористувањето на дрвото. Ако го занемариме “подарокот“ од државата кој го добиваме на име оштета за изгубено државно шумски земјиште (концесии од рудници, базни станици, далноводи, гасоводи и сл.), речиси во целост приходите на ЈП “Македонски шуми“ се од искористување на дрва. Можеби тоа е една од многуте причини што јавното тоне во долгови и мака мачи да го сервисира тековното работење.
А не треба да е човек посебно паметен и да открие нешто ново, доволно е да види како тоа го работат другите и како ги исползуваат природните ресурси. Така во соседна Албанија, ароматичните и лековитите растенија заземаат многу значајно место во албанскиот извоз, бидејќи годишниот приход од нивната продажба во странство се проценува на околу 28 милиони долари.


Слични примери има и во другите наши соседни држави, па не случајно нивните шумски претпријатија се исклучително ценети и финансиски стабилни. Во државите од Европската унија пазарната вредност на дугите (недрвни) шумски производи се проценува на околу 2,1 милијарди евра, што е околу 15% од пазарната вредноста на приходите од дрвото.
Се надевам дека конечно ќе ја смениме свеста и посериозно ќе му посветиме внимание на овој портенцијал на нашите планини. Тоа е особено важно за ЈП “Македонски шуми“, бидејќи има сериозни индиции дека дрвниот фонд во нашите шуми веќе е преискористен и во иднина ова претпријатие ќе се судри со уште поголеми проблеми по неговата рентабилност и нормално функционирање.
За жал, првите впечатоци дека ќе се смени нешто кај нас не се многу оптимистички, но да се тешиме дека има време и дека ќе биде подобро – со истите луѓе но во “друго пакување“.


Previous
Next Post »

pgallery

[Gallery][pgallery]